МКФ објави: Купот во Гевгелија, невозможно финале МЗТ – Работнички

Гевгелија и дефинитивно е изборот на Македонската Кошаркарска Федерција за град-домаќин на завршниот турнир од Купот на Македонија. МКФ одлуката и официјално ја потврди денеска, по потписот на договорот за соработка помеѓу Македонската кошаркарска федерација и клубовите Блокотехна и Кожув кои ќе бидат коорганизатори на натпреварите од државниот Куп, со поддршка од Општина Гевгелија.

Спортскиот директор на МКФ, Владимир Темелковски, заедно со Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашко Поцков како и претставниците на клубовите, Ѓорѓи Гетов (Кожув) и Драган Ристов (Блокотехна) одржаа куса средба во Гевгелија договарајќи ги последните детали околу организација за натпреварите од Купот во машка и во женска конкуренција.

Системот за натпреварување во двете конкуренции (машка и женска, сениорска) ќе биде идентичен како и минатиот Куп односно во четврфинале, мажи првите осум пласирани екипи во ПЛМ по првиот дел од натпреварувањето (11. коло) ќе разигруваат меѓу себе по систем првопласирана екипа против последно пласирана екипа (1-8, 2-7, 3-6, 4-5) во рамки на четвртфиналните дуели. Во полуфиналните дуели ќе вкрстат двојките 1-4 и 2-3. Ова практично значи дека вечните ривали МЗТ Скопје и Работнички би можеле да се сретнат веќе во полуфиналето, доколку ги добијат своите четвртфинални натпревари.

Бранителот на трофејот МЗТ Скопје за противник ќе го има Кожув, вториот ко-домаќин Блокотехна ќе се сретне со Охрид, актуелниот првак Работнички ќе ги одмери силите со Куманово, а во Гостивар и Фени индустри во меѓусебна борба ќе решаваат за патникот во полуфиналето.

Во четвртфиналните натпревари важи правилото за тројца домашни играчи на терен во секој момент од играта, во полуфинале и финале ќе важат пропозиции за натпревари (СУПЕРЛИГА) – двајца Македонци на терен.

Во женска конкуренција првите четири пласирани екипи по десеттото коло од натпреварувањето во ПЛЖ.

Во текот на наредните десет дена организаторите ќе објават одлука за присуство на навивачки групи како и за цената на билетите.

Се вчитува...