МКФ очекувала подолга суспензија за Димитријевиќ

Македонската кошаркарска федерација не се согласува со должината на суспензијата која му ја изрече ФИБА на Ненад Димитријевиќ. МКФ биле свесни дека казната секако може да биде максимални 30 дена, но велат дека нивниот и ставот на ФИБА по ова прашање се различни. ФИБА по пријавата од македонската федерација за Димитријавиќ изрече казна со суспензија од 10 дена.

„Барањето за суспензија не беше поднесено со намера да се саботира развојот на кариерата на младиот играч туку да се запознае целокупната јавност, кошаркарските работници и неговите колеги за неговиот однос кон националниот дрес – истиот национален дрес кој во изминатите години низ младинските категории му овозможи да напредува во кариерата.

Играчот наместо да ја искаже љубовта, моралот и желбата за настап во националниот дрес, тој во неколку наврати си поигрува со повиците на селекторите со тоа создавајќи незадоволство кај играчите и кај стручниот штаб.

Такви односи кон националниот дрес и кон државата не се ниту позитивни ниту пак потребни во националните селекции во моменти кога МКФ прави напори за враќање на наши таленти кои немаат македонско државјанство, а имаат желба и копнеж да играат за Македонија.

Македонската кошаркарска федерација се надева дека во иднина повеќе нема да има случаи на одбивање на бранење на националните бои кои за сите треба да бидат гордост, предизвик и нешто свето, а не обврска и товар“– стои во соопштението од МКФ.

Федерација уште додава дека комплетно стои зад пријавата на селекторот и дека има разбирање за неговото незадоволство од ненавременото откажување на Димитријевиќ.

Се вчитува...