Младеновиќ: Кожув ни „лежи“, играме пребрза кошарка за градскиот ривал

Блокотехна игра во пеколен ритам, со оглед на фактот дека вчерашниот дуел со Кожув беше вкупно седми за тимот на Марјан Илиевски во изминатите 17 дена. Сепак, кошаркарите на Блокотеха собраа сили за добро издание против градскиот ривал, продолжувајќи ја победничката серија на дуелите со Кожув (шест од шест).

„Заморот си го прави своето, затоа и ни се случува во дадени моменти да имаме пад во играта, да не бидеме на посакуваното ниво. Некогаш не сме во можност да го спроведеме посакуваното, но сепак најважна е победата. Не игравме како што знаеме во нападот, вообичаено сме поефикасни, но затоа вчера бевме беспрекорни во одбраната и токму тоа ни ја донесе победата. Против Кожув вообичаено играме добро, го почитуваме градскиот ривал, но и мислам дека играме многу побрза кошарка од нив, со што им создаваме многу проблеми“ – изјавува плејмејкерот Марјан Младеновиќ.

Блокотехна по првите 19 кола има скор од 15 победи и четири порази, а тимот од Гевгелија во својот последен натпревар од Првата лига ќе му гостува на Куманово.

Се вчитува...