Младеновиќ: Сега кога мислиме само на кошарка, се гледа вистинската сила на Пелистер

Кошаркарите на Пелистер се подготвени за новиот предизвик во АБА2-лигата и вечерашната пресметка со Рогашка (21 часот), во која избраниците на Марјан Илиевски влегуваат со зголемена самодоверба по убедливиот триумф што пред два дена го забележаа против Младост Земун.

Тоа беше едно сосема поинакво издание на битолскиот клуб од она што „пелистерци“ го покажуваа во АБА2 во првите два „балони“, нешто што пред се се должи на стабилизацијата на клубот.

„Ние имаме квалитет, но она што се промени беше тимската игра, ангажираноста, како во нападот, така и во одбраната. Зад нас е еден турбулентен период што се одрази врз игрите и резултатите во АБА2 и сега сите сме пресреќни што тоа е зад нас и што Пелистер застана на здрави нозе. Сега кога мислиме само на кошарка, се гледа вистинската сила на Пелистер“, задоволен е Марјан Младеновиќ од играта на својот тим на последниот меч.

Искусниот плејмејкер нема да може да настапи на денешниот дуел со Рогашка по повредата што ја заработи на последниот дуел со Младост. Со ова, се продолжува серијата проблеми со составот што тренерот Илиевски ги има во текот на целата сезона.

„За жал, при еден наш напад се здобив со незгодна повреда на мускулот. Мислам дека не е премногу сериозно и дека наскоро ќе се вратам на терените, но денеска против Рогашка ќе им дадам поддршка на соиграчите само од клупата. Верувам дека со добра игра можат да стигнат до нова победа“, вели Младеновиќ.

Се вчитува...