Младеновиќ: Скопје ке игра брза и агресивна кошарка, тоа е стилот на тренерот Илиевски

Екипата на Скопје, ребрендирана од актуелниот вицешампион Маџари, со сериозно променет состав ќе влезе во наредната сезона, но со исти амбиции да се бори за висок пласман во кошарската Супер-лигата.

Улогата на капитен му припаѓа на Марјан Младеновиќ, експлозивниот плејмејкер познат по брзината и агресивноста во одбраната, кој по неколку години пауза повторно ќе заигра за тренерот Марјан Илиевски.

„Ние сме нова екипа од оваа сезона, сосема изменет ростер од ланскиот шампионат. Ќе ни треба време да се вклопиме, за овој краток период добро се адаптиравме како карактери, играчи желни за напредок. Имаме доста млади кошаркари кои ќе им се даде шанса, ќе треба да ги истрпиме и нивните грешки, но како капитен ветувам. По долги години повторно ќе играм за тренерот Илиевски, системот е ист, пожртвуваност во одбрана, брз наппад и 100% на секој тренинг. Верувам дека тоа е вистинскиот пристап, дека имаме играчи за ваков стил и ќе го покажеме тоа на терен“, истакна Младеновиќ.

Младинскиот репрезентативец Сергеј Младеновски летово се пресели од Вардар во Скопје и би требало да има значајна улога во ротацијата на актуелниот вицешампион на Македонија.

„Како што кажа капитенот, целата екипа е малку помлада, секој тренинг го даваме својот максимум и тоа ќе биде случај и на секој натпревар“, изјави Сергеј Младеновски, еден од најмладите во таборот на КК Скопје.

Оваа екипа ќе го стартува новиот шампионат со домашниот меч против Кожув, дуел закажан за 18.30 часот во СЦ „Јане Сандански“ во скопски Аеродром.

Се вчитува...