Младеновски: Чест е да се добие повик за репрезентацијата

Марио Младеновски одигра низа одлични натпревари во дресот на Вардар, по што сосема заслужено доби повик од селекторот Ангеловски за последните квалификациски средби за ЕП 2020. Со оглед на проблемите со дефанзивната линија лесно може да се случи Младеновски да дебитира во репрезентативниот дрес веќе в сабота против Австрија, а членот на „црвено-црните“ е подготвен за предизвикот.

„Чест е ако добијам шанса на еден од двата натпревари. За еден млад фудбалер многу значи ако добие прилика да игра пред полн стадион. Во овие два меча треба да влеземе максимално мотивирани за да ги добиеме. Првиот меч со Австрија ќе биде тежок, имаат одлични фудбалери, но ние ќе се обидеме да го дадеме максимумот“, изјави Младеновски.

Својот камбек во националниот тим ќе го има и Никола Ѓоргев, кој беше дел од младинската репрезентација на премиерниот настап на ЕП во Полска.

„ Горд сум што пак сум дел од репрезентацијата. Задоволен сум од формата во која се наоѓам, одиграв петнаесетина натпревари, дадов неколку голови и асистенции. Добро се чувствувам и среќен сум што пак сум тука. Треба да излеземе храбро на теренот, сите заедно како тим и да ги завршиме квалификациите со што е можно подобар резултат. Знам дека не треба да се плашиме од Австрија, иако го знаеме нивниот квалитет, но и ние имаме добри фудбалери и ќе ја чекаме шансата. Ќе видиме како ќе изгледаме тактички, но треба да бидеме трпеливи и доколку ни се укаже шанса да ја искористиме максимално“, изјави Никола Ѓорѓев, кој настапува за швајцарскиот второлигаш Грасхоперс.

Се вчитува...