Младеновски: Италија покажа дека Русите не се непобедливи

Македонските кошаркари пристигнаа во Русија, каде утре во градот Перм ќе излезат на мегдан со фаворитот во групата. „Црвено-жолтите“ во првиот меч неочекувано загубија на домашен терен од Естонија, но „ладен туш“ на стартот имаа и Русите, кои беа поразени на гостувањето против подмладениот состав на Италија со преубедливи 19 поени разлика. Токму тој резултат од Неапол им дава на нашите кошаркари ронка надеж дека ако се одигра на највисоко можно ниво може да се изненади големиот фаворит.

„Првиот меч не го дадовме она што знаеме и умееме, можеби бевме и малку во грч бидејќи бевме премногу мотивирани, салата после подолго време беше исполнета… Како и да е, овие квалификации не се завршени за нас, продолжуваме со настапите почнувајќи од следниот меч со Русија. Јасно е кој е фаворит, но со поразот од убедливи 19 поени на гостувањето против подмладената Италија, руските кошаркари покажаа дека не се непобедливи. Ние треба да излеземе на терен, да играме без притисок, дадеме се од себе и ако ни се укаже можност да се обидеме да приредиме изненадување“, вели центарот Љубомир Младеновски.

Во однос на првиот натпревар против Естонија селекцијата на Македонија ќе биде дополнително ослабена со неиграњето на Димитријевиќ, на чие место дополнително повикан беше Виктор Ефремовски.

Се вчитува...