Младеновски се врати назад во МЗТ Скопје

МЗТ Скопје денеска го потврди останувањето на тренерот Кочов, а попладнево беше обелоденет и првиот трансфер во таборот на аеродромци. Всушност, станува збор за камбек на македонски репрезентативец откако Љубомир Младеновски по една година мината во словенечкиот шампионат реши да се врати назад во „Јане Сандански“ и повторно да го облече дресот на МЗТ.

Центарот се враќа во средината во која претходно мина четири години со исто толку освоени титули и каде ги направи првите чекори во професионалната кариера. Младеновски минатото лето изрази желба да замине во странство, по што мина една сезона во дресот на словенечка Илирија, каде што играше повеќе од солидно со просек од 9,3 поени и 6,5 скокови. Тој сега потпиша двегодишен договор со МЗТ Скопје.

Новото засилување на аеродромци финишира со опоравувањето од потешката повреда на раката, поради која ја пропушти завршницата од сезоната на Илирија, а тоа е и причината што не е дел од репрезентација на Македонија во јунскиот циклус од претквалификациите. Рехабилитацијата минува подобро од очекувањата и сигурно е дека Младеновски ќе биде максимално подготовен за првиот собир на тренерот Кочов во месец август.

Се вчитува...