Младите „аѕури“ ја средија и Естонија, големо изненадување во Белград

Италија по две кола се наоѓа на чело на нашата квалификациска група, откако на убедливиот домашен триумф над Русија оваа селекција вечерва славеше и на гостувањето против Естонија (81-87). „Аѕурите“ се веќе пласирани на ЕП 2021 како домаќини, во овие квалификации настапуваат со драстично подмладен состав, но и со таква екипа им делат лекции на ривалите.

Пресудна беше последната четвртина што гостите ја добија со 20-28 и на тој начин си го трасираа патот до новиот триумф. Витали со 22 и Ричи со 18 поени беа најефикасни во победничката селекција, додека кај Естонија најдобар поединец беше Китсинг со 22, пред Вене со 21 постигнат поен.

Токму Италија ќе биде третиот ривал на Македонија, на меч на кој нашата селекција ќе биде гостин на 27 ноември, пред избраниците на Тодоров три дена подоцна да гостуваат и на Естонија.

Грузија приреди огромно изненадување триумфирајќи во Белград со 90-94. Херој на Грузијците беше поранешниот ас на Карпош Соколи, Тадеус Мекфејден, постигнувајќи 33 поени, дел од нив во неизвесната завршница во која ги замолкна српските фанови во салата „Александар Николиќ“. Ова беше прв пораз на селекторот Кокошков на чело на српскиот национален тим, во чии редови најефикасни денеска беа Аврамовиќ со 27 и Јарамаз со 22 постигнати поени.

Словенија рутински славеше на домашен терен над Австрија со 85-78, додека Унгарија стигна до втората победа во групата, овојпат на гостувањето против Украина (60-62).

Се вчитува...