Младите „пелистерци“ ја продлабочија кризата на Пролет

Еурофарм Пелистер славеше како гостин на денешниот меч со Пролет (29-32), за значајни три бода со кои младите битолчани си го трасираа патот кон плејофот. На спротивната страна, за Пролет ова беше петти пораз во  последните шест кола, со што оваа екипа уште повеќе си ги намали шансите во битката за Топ 6.

Домашните ракометари нешто побавно влегоа во мечот, првиот погодок го постигнаа во петтата минута, но првото полувреме мина во израмнета битка на двете страни. Поголемиот дел од времето Еурофарм Пелистер 2 имаше предност од еден или два гола, но Пролет секогаш успеваше да се врати. Домаќините за првпат поведоа со пеналот на Доне Мајнов со 10-9, за истиот ракометар една минута подоцна да не реализира од седум метри, пропуштија можност за Пролет да се врати во водство. Гостите од Битола нешто подобро го завршија првото полувреме, на одмор заминувајќи со минимална предност од 15-16.

Клучната предност гостинските ракометари ја направија на почетокот од вториот дел, кога одиграа цврсто во одбраната, беа ефикасни и во нападот, поведувајќи со 17-21 пред тренерот Лембанов да побара тајмаут. Голманот Петковски даде гол од својот шестерец и за момент ја прекина серијата на Еурофарм Пелистер 2, но во 45. минута со иста мера возврати гостинскиот голман Трајковски, реализирајќи за водство на гостите со 21-25.

Пролет не се предаде, домашните ракометари во неколку наврати стигнуваа до „минус два“, за со головите на Голубовиќ и на Аларов да дојде и на еден гол разлика (27-28), на седум минути до крајот. Цветан Кузманоски со осмиот реализиран пенал стрелаше за „плус два“ за Еурофарм2, со иста мера од седум метри на спротивната страна одговори Палевски. Домаќините последната шанса ја пропуштија кога при 28-29 не реализираа напад за израмнување, по што битолчани лесно реализираа од контранапад за трасирање на патот до победата.

Цветан Кузманоски со десет гола беше најдобар поединец на натпреварот, шест постигна младиот Емилијан Ѓоргоски, додека кај Пролет најефикасни на денешниот дуел беа Палевски со осум и Голубовиќ со шест погодоци.

Се вчитува...