Младите во португалска мисија: Да се победи Гибралтар е обврска

Младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година денеска (17 часот) го игра третиот квалификациски натпревар од новиот циклус. Противник е аутсајдерот Гибралтар во португалскиот град Фаро, а нашите надежи ќе треба брзо да се трансформираат и да го заборават поразот од Србија (0-2).

Гибралтар има пет порази во низа и гол разлика (0-14), но, сепак, селекторот Благоја Милевски е внимателен, и вели дека за него нема класични аутсајдери во европскиот фудбал, посебно во овие помлади генерации.

„Иако сме фаворити на хартија, сепак не смееме со потценување на противникот да му пристапиме на овој натпревар… Нема лесен противник во денешно време. Затоа мора да дадеме максимум како и за секој друг натпревар доколку сакаме да дојдеме до посакуваните три бода. Ова е исклучително важен натпревар за нас, затоа што мора да демонстрираме надмоќ и квалитет, а триумфот сите го очекуваат“– вели Милевски пред денешниот дуел.

Селекторот на нашиот млад национален тим ќе ги нема на располагање Елиф Елмас и Никола Ѓорѓев кои беа дел од А-тимот против Лихтенштајн, како и Контантин Чешмеџиев, кој доби црвен картон на дуелот против Србија.

Се вчитува...