Гостивар ја продолжи низата на натпревари без пораз на домашен терен и во плејофот и стигна до предност од 1-0 во четвртфиналната серија против Работнички триумфирајќи со 76-69. Гостиварци стигнаа до предност при крајот на првото полувреме, во последната четвртина имаа и позитива од 12 поени, а одолеаја и на налетот на гостите од Скопје во самиот финиш за значајна победа.
Подоброто отварање на натпреварот донесе предност за Работнички во поголемиот дел од првата четвртина, но домашните кошаркари не дозволија истата да биде поголема од два напада па по 10. минути игра на семафорот стоеше резултат 24-25. Високото темпо на двете страни од теренот опадна до крајот на полувремето, двата тима промашуваа зицери, а преку подобриот финиш на првите 20. минути избраниците на Малинков успеаја негативата од четири поени да ја претводат во предност од 41-37.
Добриот ритам на Гостивар продолжи и на отварањето на второто полувреме со што се зголеми предноста на домаќините. Работнички се одржуваше во игра со обидите за три поени, но откако опадна реализацијата избраниците на Малинков стигнаа до двоцифрена предност која ја задржаа и по 30. минути игра за 61-51. Истата гостиварци ја одржуваа долго во последната четвртина, но добрата одбрана на Работнички во последните пет минути ги доведе „црвено-белите“ до негатива од 69-64. Сепак „сино-белите“ одговорија преку Корсантија и не дозволија натпревар на еден посед за задржување на предноста од домашен терен.
Со 26 поени и 14 скока лидер на Гостивар беше Корсантија, а него го следеа Ефремовски и Вучковиќ со по 17 поени. Со 23 поени најрасположен кај Работнички беше Џелетовиќ, а по 10 додадоа Малешевиќ и Умпинг.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА