Многу пат за ништо – Кумановци декласирани од Минден

Кошаркарите на Куманово експресно го завршија настапот во квалификациите за Еврокупот на ФИБА откако вечерва загубија од австриски Минден (60-83), во првото коло од турнирот што се одржува во Гронинген. Кумановци тргнаа на авантура патувајќи повеќе од 24 часа за да стигнат во холандскиот град – домаќин, тоа се одрази и врз изданието на теренот, за по кратка постапка да го загубат овој меч во кој во ниту еден момент немаа шанса за позитивен резултат.

Минден уште од самиот почеток наметна темпо на брза игра што македонскиот тим не можеше да го следи. Ова придонесе австрискиот состав да ја добие првата четвртина со убедливи 14-27, а израмнет беше вториот период од мечот што Минден го доби со минимални 10-12. Веќе беше очигледно дека „сино-белите“ од Куманово немаат никакви шанси на овој натпревар, а противникот го искористи тоа и со доминантна игра во третата четвртина (12-25) уште повеќе ја зголеми убедливата предност.

Во самиот финиш тренерот Ѓоргиевски им даде шанса и на дел од помладите кошаркари да го искусат настапот еден европски меч, што кумановци нема да го паметат по добро со оглед на убедливиот пораз од 23 поени разлика.

Холмс беше најефикасен во редовите на македонскиот претставник со 16 поени, 13 имаше Кејлеб, Глигоријевиќ постигна девет, додека Зивчевиќ го заврши натпреварот со седум поени зад своето име.

Се вчитува...