Лука Модриќ е блиску до потпишување нов едногодишен договор со Милан, објавува „Скај Спорт Италија“.
Модриќ полни 41 година во септември, а неговиот договор со Милан истекуваше на 30 јуни, но се чини дека ќе потпише нов и ќе се приклучи на тимот на предсезонската турнеја во Австралија.
До неодамна, Модриќ беше фокусиран на настапот со хрватската репрезентација на Светското првенство 2026. Според „Скај Спорт Италија“, раководството на клубот и новиот тренер Рубен Аморим вложија голем напор да го убедат Модриќ да остане на „Сан Сиро“ уште една сезона. Нивните напори се чини дека биле успешни.
Хрватскиот капитен никогаш не криел дека бил навивач на „росонерите“ уште од детството, инспириран од игрите на Звонимир Бобан и дека негова желба била да игра за тој клуб. Иако сè уште е на одмор, се чини дека Модриќ е веќе решен да се согласи да остане. Доколку договорот биде потврден, тој ќе му се придружи на тимот на предсезонската турнеја во Австралија, која започнува на 26 јули.
И покрај своите години, освојувачот на „Златната топка“ одигра 37 натпревари за Милан минатата сезона, постигнувајќи два гола и три асистенции за вкупно 2.864 минути. Неговата статистика би била уште побогата доколку немаше пауза поради фрактура на јаболчницата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
