МЗТ Скопје ја оправда фаворитската улога на премиерниот натпревар против Гостивар, славејќи со 87-68 и поведувајќи со 1-0 во полуфиналната серија од плејофот. Гостиварци имаа и поддршка од своите сограѓани кои дојдоа да ги бодрат избраниците на Марјан Србиновски во СЦ „Јане Сандански“, но гостите успеаја да парираат само едно полувреме, за потоа во вториот дел да дојде до голем пад во нивната игра, по што убедливиот пораз беше неизбежен.
Прецизните шутеви од далечина му овозможија на гостинскиот тим да води со 20-22 по десет минути игра, а потоа и достојно да парира во втората четвртина. Гостивар погоди осум тројки во првото полувреме, на одмор се замина со водство на МЗТ Скопје од 44-40, за потоа вториот дел да биде „симултанка“ на избраниците на Ѓорѓи Кочов. Како што одминуваше времето, така предноста на актуелниот вицепрвак се зголемуваше, МЗТ ефикасно ги реализираше нападите, додека гостиварци се почесто промашуваа. Пред крајот тренерот Кочов им даде шанса и на дел од помладите кошаркари, но тоа воопшто не се одрази на сконечниот исход, МЗТ Скопје убедливо го доби премиерниот натпревар од ова полуфинале со конечни 87-68.
Самарџиски со 16 и Младеновски со 12 поени беа најефикасни кај МЗТ, по десет постигнаа Вудард и Медфорд, додека во таборот на Гостивар најдобри поединци беа Ефианаи со 15 и Тасовски со 11 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА