Моќен Силекс ја прегази Ренова: Георгиев, Тимов, Алексовски за убедливи 0-3

Фудбалерите на Силекс продолжија победнички и во второто коло, на стартот од новата сезона во Првата фудбалска лига. Кратовци по триумфот над Скопје (1-0) на домашен терен, денеска славеа убедливо со 0-3 на гостувањето против Ренова во Тетово. Со ова тимот на Жикица Тасевски со шест бода по две кола најавува сериозни амбиции за највисок пласман во новото првенство.

Силекс комплетно ја надигра Ренова и успеа навреме да си обезбеди убава предност. Бобан Георгиев во 29.минута го отвори резултатот, откако од втор обид, шутираше неодбранливо за Кобетиќ откосо од левата страна. Шест минути подоцна, Филип Тимов зголеми на 0-2.

Тој одлично реагираше на центаршутот од левата страна, беше побрз од истрчаниот Кобетиќ и со еден потег го надмудри, испраќајќи ја топката во небранетиот дел од мрежата.

Во вториот дел, Ренова тргна поофанзивно, имаше свои шанси преку Нафиу и Гафури, меѓутоа домашните фудбалери денеска немаа свој ден. Силекс ја потврди убедливата победа во 89.минута, кога Алексовски и по третпат ја затресе мрежата на „гипсарите“ со одмерен удар од 14 метри.

Се вчитува...