Моќна победа над Србија, на седум дена пред СП

Македонската репрезентација со одлична игра стигна до убедлива победа над Србија (37-31) на единствениот официјален контролен натпревар во пресрет на СП 2019 во Данска и во Германија. „Црвено-жолтите“ одиграа одличен меч и заслужено триумфираа против ривалот кој денеска немаше противигра за расположениот напад на македонскиот состав. Наспроти претходните најави, Раул Гонзалес не им даде преголема шанса на помладите ракометари, експериментирајќи со тактиката „седум на шест“ што даде успех и ја донесе оваа убедлива победа.

Македонија имаше две минимални водства од 1-0 и 2-1 со головите на Георгиевски и на Кузмановски на додавања на Кире Лазаров, за при водство од 4-3 зицери да промашат Кузмановски и Манасков. Гостите накратко поведоа со 4-5, но нашите ракометри повторно ја презедоа контролата, па во 13. Минута преку Кузмановски за првпат стигнаа и до предност од два гола (8-6).

Во 16. Минута Раул Гонзалес го повлече првиот потег, менувајќи го Кузмановски со Филип Лазаров, со што Македонија одигра еден напад „седум на шест“ што резултираше со пенал врз Пешевски, но капитенот Лазаров не го претвори во погодок. Две добри одбрани придонесоа два брзи гола да постигне Дејан Манасков, па при водство на „црвено-жолтите“ од 10-7 гостинскиот селектор Перуничиќ побара минута одмор за својата селекција. Кире Лазаров својот прв гол го постигна во 18. Минута, за водство од 11-8, крилата продолжија со одличен настап, па преку Георигевски и Манасков во 22. Минута македонскиот состав стигна и до „плус четири“ (13-9). Нашите ракометари имаа и 15-10, а потоа по два нереализирани напади со „седум на шест“ гостите постигнаа два лесни гола во празна мрежа. Финишот им припадна на македонските ракометари, кои на одмор заминаа со убедливи 19-13 пред се благодарение на беспрекорното издание на крилните играчи кои постигнаа повеќе од половина од головите (Манасков шест и Георгиевски четири).

Гонзалес направи само една промена на стартот на второто полувреме, Поповски доби шанса на местото на Георгиевски како десно крило. Ристовски продолжи со добри одбрани на голот на Македонија, функционираше и напдот, па предноста се зголеми на 24-16. Во 41. Минута го имавме и првото двоцифрено водство, Пешевски погоди за 27-17. Со атракции се подолжи и со прекрасниот погодок на Кире Лазаров од контранапад за 29-18. Манасков го постигна својот деветти гол за 33-23, по што во последните десет минути му го препушти своето место на Димитриоски. Нешто подоцна Лазаревски застана на пивот на местото на Стоилов, па и младиот Серафимов ги одигра последните шест минути наместо капитенот Кире Лазаров.

Серафимов со прецизен удар од пенал во 57. минута го постигна својот прв гол во сениорскиот репрезентативен дрес, темпото во завршните минути опадна, а гостите во самиот финиш ја намалија разликата, до конечни 37-31.

Дејан Манасков беше прв стрелец со девет погодоци, Филип Кузмановски одигра одличен натпревар со шест гола, по пет пати прецизни беа Кире Лазаров и Пешевски, а Георгиевски за едно полувреме четири пати се запиша меѓу стрелците.

Македонија и Србија утре ќе одиграат уште еден натпревар, кој ќе биде од затворен карактер, по што Раул Гонзалес ќе донесе и конечна одлука околу списокот на играчи кои ќе ги бранат боите на нашата репрезентација во групната фаза во Минхен.

Се вчитува...