Моќниот Еурофарм Пелистер го растури Металург среде Скопје

Еурофарм Пелистер одигра импресивен меч и го декласираше на гостински терен Металург со убедливи 22-32, продлабочувајќи ја уште повеќе кризата во која се наоѓа клубот од Автокоманда од почетокот на плејофот. „Пелистерци“ го оставија зад себе проблематичниот период во кој беа елиминирани од ЛЕ и убедливо загубија од Вардар, па денеска делуваа фантастично, цврсто во одбраната и ефикасно во нападот. „Металурзите“ се надеваа дека сезонава ќе ја намалат разлика во однос на кандидатите за титулата, но наместо тоа поранешниот првак сега ќе има тешка задача да се избори за место меѓу најдобрите четири екипи на табелата.

Металург немаше ниту едно водство на овој натпревар, израмнувања на резултатот беа само 1-1 и 2-2, по што гостите од Битола целосно презедоа контрола над мечот. Одбраната беше на највисоко ниво, а во нападот во првото полувреме блескаа Периќ и Мандалиниќ, кои заедно (11) постигнаа повеќе голови од целиот тим на Металург (9) во стартните триесет минути. Домаќините во последните пет минути од полувремето не посстигнаа ниту еден погодок, а Еурофарм Пелистер го искористи тоа за да замине на одмор со убедливи 9-20.

Металург го отвори вториот дел со мини-серија од 2-0, но тоа беше се што избраниците на тренерот Марковски успеаја да сторат, Еурофарм Пелистер рутински го контролираше резултатот и не дозволи Металург да влезе во ритам, на крајот триумфирајќи со убедливи 22-32.

Периќ постигна седум, а Костески и Мандалиниќ по пет погодоци за Еурофарм Пелистер при оваа убедлива победа, додека кај Металург најефикасни беа Хорват со седум и Калуѓеровиќ со четири погодоци.

Се вчитува...