Монпелје без двајца важни играчи против Вардар

Монпелје претрпе неочекуван пораз од Ним во второто коло од француското првенство, но уште поголем проблем за тренерот Канаје претставуваат повредите на двајца ракометари, кои нема да можат да настапат на денешниот дуел со Вардар во Лигата на шампионите.

Репрезентативецот на Тунис, Мухамед Суси, го повреди скочниот зглоб и ќе паузира најмалку 20 дена од терените, додека Литванецот Јонас Трухановичиус има незгодно истегнување на мускулот, поради што најмалку десет дена ќе биде надвор од тренажен процес. Станува збор за двајца ракометари на позицијата лев бек, која дефинитивно ќе биде најдефицитарна за Монпелје на денешната пресметка со Вардар.

За потсетување, ослабен на овој дуел ќе биде и македонскиот првак, во чии редовите поради повреди нема да можат да настапат Стоилов и Толедо.

Се вчитува...