Најавата за забрана на одржување на спортски натпревари би можела да се реализира кога станува збор за домашните настани, но многу покомпликувано ќе биде евентуалното откажување на дуелот од ракометната Лига на шампиони меѓу Вардар и Монпејле, закажан за утре со почеток во 17.30.
Опасноста од коронавирусот станува се посериозна, поради што Министерот за Здравство, Венко Филипче, денеска најави дека на седницата на Владата ќе достави предлот за откажување на сите големи јавни собири и спортски натпревари.
„Предлогот е да се забранат сите јавни собири каде има голема бројка на граѓани, без разлика дали се во затворен или отворен простор. Треба да се откажат сите големи јавни собири и спортските натпревари“ – рече Филипче во пресрет на седницата на Владата, закажана за 11 часот.
Сепак, во случајот на ракометната Лига на шампиони самиот процес на откажување ќе биде многу покомпликуван, бидејќи гостите веќе се тргнати од Франција и во текот на денешниот ден би требало да пристигнат во Скопје. Исто така, Монпелје има згуснат календар во домашното првенство, Вардар го очекува двомеч во СЕХА-лигата, па тешко ќе биде да се најде адекватен термин, до осминафиналните пресметки во кои ќе учествуваат двата тима.
Во моментов многу пореално изгледа тој натпревар да се игра пред празни трибини, за групната фаза и дефинитивно да заврши викендов и екипите потоа да се насочат кон следните предизвици. Сепак, конечниот збор ќе го има Владата, чија одлука ќе ги разреши дилемите околу овој натпревар од ракометната Лига на шампиони.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА