Монти Вилијамс има нов клуб и стана најплатен тренер во НБА-лигата

Монти Вилијамс не остана долго без работа откако доби отказ од Феникс санс, потпишувајќи договор со екипата на Детроит пистонс. Раководството на Детроит десетина дена интензивно преговараше во обид да го убеди Вилијамс да се приклучи на овој проект, на крајот успевајќи со тоа што му го понуди најбогатиот договор што еден тренер го имал во историјата на НБА-лигата.

Конкретно, потпишаниот договор меѓу Вилијамс и Детроит е на шест години, со загарантирани 72 милиони долари за успешниот тренер. Воедно, постои и клаузула за продолжување на уште две сезони, што би го кренала договорот над границата од 100 милиони долари.

Вилијамс беше избран за најдобар тренер во НБА-лигата во 2022 година, но една година подоцна доби отказ од Феникс откако со овој тим предводен од Кевин Дурант не успеа да се вмеша во борбата за титулата.

Останува да се види како ќе се снајде Монти Вилијамс во Детроит, тимот што имаше катастрофални 17 победи и дури 65 порази сезонава. Прва цел сигурно ќе биде да се стигне до плејофот, нешто што на Детроит му успеало само два пати во последните 14 години.

Се вчитува...