Мората отворено за враќањето во Реал: Не требаше да го напуштам Јувентус

Напаѓачот на Челси, Алваро Мората во интервју за „Газета дело спорт“ изјави дека враќањето во Реал Мадрид, односно напуштањето на Јувентус била голема грешка што ја направил.

„Во Реал се вратив поради одредени обврски кои требаше да се почитуваат, но наидов на големо разочарување. Ме третираа како истото дете кое ги напушти две години порано, се најдов на почеток. Заштитниот знак на Јувентус е победничкиот менталитет и професионализам на високо ниво. Не требаше да го напуштам Јуве. Во Италија ги поминав најубавите две години во мојата кариера, кои ми донесоа многу радости. Таму пристигнав како дете, а заминав како вистински фудбалер. За шпански играчи, Италија е најдобрата земја во која може да оди.  Таму има се, од храна, уметност, историја, мода… Во Италија го најдов и мојот животен сопатник, мојата сопруга Аличе, и секако, двете фантастични сезови носејќи го црно-белиот дрес“, истакна Мората.

25-годишниот голгетер досега играше во две од топ петте лиги во Европа, Серија А и Ла Лига, а сега ги тресе мрежите во Премиер – лигата откако стана најскапиот фудбалер во историјата на Челси. Мората вели дека има повеќе причини зошто токму ги одбра „сините“ за свој нов тим.

„Има неколку причини зошто токму Челси е мојот нов клуб. Секако првата е Антонио Конте, многу добро го познавам каква личност е, добро знам каков е неговиот начин на работа, што бара од играчите. Конте секогаш може да го истакне максимумот од секој играч, секако на негов начин. Друга причина е амбиентот, тука ме пречека шпанскиот „клан“ со Фабрегас, Алонсо, Педро и Азпиликуета, со нив полесно се адаптирав во новата средина. Уште една причина е мојата сопруга. Таа сакаше да останеме во Шпанија, јас сакав да се вратам во Италија, но на крајот направивме компромис и дојдовме во Англија“, заврши Мората.

Се вчитува...