Алваро Мората беше херојот на Атлетико Мадрид на големото градско дерби против Реал на кое избаниците на Диего Симеоне им го нанесоа првиот овосезонски пораз на „кралевите“.
Шпанскиот голгетер беше максимално мотивиран против својот поранешен клуб, одигра одличен меч и два пати успеа да го матира голманот Кепа.
„Сакав да помогнам на тимот да победи, минатиот викенд во Валенсија не бевме доволно добри, во Рим не беше пријатно за играње, но сега против Реал бевме извонредни. Ако постои нешто што сум го поправил со времето, тоа е што сега сум психолошки постабилен, поподготвен. Кога ќе постигнеш максимална зрелост, ти се ближи заминувањето во пензија, што е штета во фудбалскиот свет. Сепак, јас сум фокусиран само на сегашноста, среќен сум што му помагам на тимот да остварува добри резултати. Желба ми е да стигнам до барем една титула со Атлетико Мадрид пред да му кажам збогум на фудбалот“, изјави Мората.
Атлетико моментно се наоѓа на петтото место на табелата со десет освоени бода, шест помалку од водечката Барселона, но и натпревар помалку во однос на лидерот на табелата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА