Алваро Мората беше жестоко критикуван во поголемиот дел од ланската сезона, во која шпанскиот напаѓач се мачеше да ги оправда очекувањата на навивачите, управата и на менаџерот Антонио Конте. Летово тој беше поврзуван со Милан и Јувентус, но поранешниот ас на Реал Мадрид реши да остане за да докаже дека заслужува да биде предводник на нападот на „сините“ од Лондон.
„Никогаш не ми беше опција да заминам. Новинарите пишуваа, навистина имав понуди на маса, но овие луѓе во Челси веруваа во мене, ме донесоа во Лондон и моја цел е да им докажам дека не погрешиле. Има и такви кои неоправдано критикуваат, но токму за инает на таквите „хејтери“, ќе покажам дека сум доволно добар за Челси. Се гледам уште долги години во овој клуб, едвај чекав да почне сезоната. Зборував со тренерот Сари, тој ми кажа дека сериозно смета на мене и разговорот заврши, со тоа и сите мои дилеми околу иднината“ – истакна Мората.
Шпанскиот голгетер беше доведен од страна на Конте, но не се адаптираше на стилот на игра што овој трофеен стратег го бараше од него. Сепак, Мората е убеден дека може да прикаже повеќе под водство на Сари.
„Најважно е како ќе играме, лани добивав премногу високи топки, а заштитата при воздушните дуели не ми е најсилна страна. Сега играме ниско по земја, можам да напаѓам во простор, нормално дека тоа многу повеќе ми се допаѓа. Затоа и сум оптимист во пресрет на новата сезона“ – порачува Алваро Мората, кој на дербито со Арсенал го постигна и првиот овосезонски погодок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА