Морати го пецна Јуве: Да не беше „Калчополи“ ќе имавме најмалку 25 титули

Еуфорично е расположението меѓу приврзаниците на Интер откако овој клуб со триумф во градското дерби против Милан го осигура 20. шампионско скудето во историјата.

Цели 58 години откако предводени од Хеленио Херера, со Анџело Морати како претседател дојдоа до првата титула во Калчо-лигата, „нероаѕурите“ вчера имаа можност да прослават фантастичен јубилеј. Масимо Морати, кој е најуспешен претседател во историјата на Интер со 17 трофеи (пет скудета и еден пехар во ЛШ), не ја пропушти можноста да го „пецне“ големиот ривал Јувентус порачувајќи дека бројката на титули на Интер би била уште поголема да не беше скандалот „Калчополи“ со кој беше докажано влијанието на „старата дама“ врз арбитрите на Апенинскиот полуостров.

„Да не беше сето она што знаеме дека се случуваше во италијанскиот фудбал, веќе ќе имавме 25 титули. Ако не беа Јувентус и Калчополи, оваа бројка ќе ја достигневме уште пред многу години. Освојување на титулата на градското дерби? Тоа секогаш е посебен меч, секако дека чувството да го победиш Милан и со тој триумф да станеш шампион, да славиш пред нив, беше фантастично. Искрено сум импресиониран од овој тим на Интер. Секогаш играат забавен фудбал, не се здодевни како голем дел од останатите клубови. Оваа радост го надополнува разочарувањето од ЛШ, натпреварување во кое се оди „на се или ништо“ и некогаш знае да биде сурово. Разочарувањето е дел од фудбалот, видете го Манчестер Сити, тим што 120минути напаѓаше, но на крајот беше елиминиран исто како и Интер“, изјави Морати.

Се вчитува...