Морис Кари го напушти Аеродром

Американецот Морис Кари повеќе не е кошаркар на МЗТ Скопје Аеродром, откако денеска потпиша спогодбен раскин на договорот со клубот од Аеродром.

Тој во МЗТ дојде кон крајот на јануари како замена за Дастин Вер во пресрет на вториот дел од сезоната во домашното првенство и во АБА2-лигата, но не се снајде најдобро и не прикажа ниту дел од квалитетот кој се очекуваше од него. Плејмејкерот одигра шест средби во домашното првенство со просек од четири поени и 2,7 асистенции додека во регионалното натпреварување на девет средби просечно реализираше едвај три поени со 1,4 скока и 1,8 асистенции.

Местото на Кари во тимот од „Јане Сандански“ веќе е пополнето со неговиот сонародник Бре Ајви, зад кого е фантастична сезона со одлични бројки во дресот на Академија ФМП и чие деби се очекува уште вечерва против ТФТ (19 часот).

Се вчитува...