Морнар без шанса кога проработеа тројките на Будуќност

Будуќност поведе со 1-0 во полуфиналната серија од АБА-лигата против Морнар откако „сино-белите“ со извонредно офанзивно издание го запреа налетот на црногорскиот ривал (97-88). Гостите одиграа добро во нападот, но во одбраната не успеаја да ги неутрализираат главните оружја на противникот, примија 97 поени и претрпеа убедлив пораз на стартот од ова полуфинале.

Првото полувреме мина во одлично офанзивно издание на двата тима, при што беа постигнати дури 103 поени (52-51). Интересно, и при едни вакви бројки Будуќност се мачеше со шутот од далечина, погодувајќи само една тројка во првите две четвртини. Ситуацијата се смени во продолжението од дуелот откако по водството на Морнар најпрвин Ивановиќ погоди две тројки, по што во серија влегоа и останатите домашни кошаркари. Будуќност реализираше девет тројки во второто полувреме, ритам што гостите не можеа да го следат и сега ќе мора да слават на вториот меч на домашен терен ако сакаат да се изборат за мајсторка за пласман во големото финале.

Бековите го имаа главниот збор кај Будуќност, Кобс реализираше 22 поени и седум асистенции, додека Ивановиќ стигна до 18 поени и седум асистенции. Најефикасен кај Морнар беше Пулен со 24 постигнати поени.

Се вчитува...