Мота отпиша две „ѕвезди“ од плановите на Јуве

Тијаго Мота се уште официјално нема седнато на клупата на Јувентус, но младиот стратег секојдневно е во разговори со челниците на клубот околу претстојното дејствување на пазарот. Проблем за „старата дама“ ќе претставува што нема да има преголем буџет за нови фудбалери, па ќе мора да се продадат дел од постоечките играчи за да се обезбедат дополнителни пари за нови засилувања.

Информациите од Италија говорат дека Мота веќе се откажал од двајца стандардни првотимци од последните сезони, и тоа голманот Шчесни и крилото Федерико Киеза. Шчесни е еден од најплатените фудбалери во Јувентус, се приблужува до залезот на кариерата, па Јувентус е решен да го продаде летово, а на негово место веќе е договорено доаѓањето на Микеле ди Грегорио од Монца, кој беше избран за најдобар голман во официјалниот избор на Серија А за оваа сезона.

Киеза е исклучително квалитетен играч, но склоноста на повреди го прави несигурна опција на долг план. Згора на тоа, крилниот офанзивец бара нов четиригодишен договор, желба што Јуве нема намера да му ја исполни. Проблем е што Киеза влегува во последната година од договорот, што сериозно ќе ја намали неговата цена и тешко ќе биде Јувентус да добие и 40 милиони евра, откако минатото лето „старата дама“ одбиваше и 60 милиони евра за истиот фудбалер.

Алекс Сандро дефинитивно си заминува и ќе се врати назад во родниот Бразил, а на излезна врата се наоѓа и Адриен Рабио, чиј договор истекува на крајот од сезонава, а според информациите од Италија двете страни се предалеку од наоѓање на заеднички јазик за продолжување на соработката.

Се вчитува...