Европскиот ракометен првак, Вардар дојде и до третата победа во групната фаза од Лигата на шампионите откако со голема мака го совлада Мотор на гостувањето во Запорожје со 30-31 во дуелот од третото коло.
За бодовите, Вардар страхуваше до последните секунди во кои влезе со минимално вовдство од 30-31 откако претходно домашниот тим пропушти шанса за израмнување. Потоа среќата го спаси Вардар кој преку Скубе не погоди за два предност на пет секунди пред крајот, а ракометарите на Мотор изведоа акција за погодок, но не стигнаа тоа да го направат во потребното време.
Вардар не дозволи второ изненадување од Мотор од кој загуби во СЕХА лигата и тоа засега е единствениот неуспех за „црвено-црните“ сезонава.
Вардар успеа да ја анулира негативата од полувремето, но во ниту еден момент не успеа да го скрши отпорот на Мотор и да направи вистинска разлика. Се мачеше до финишот, а буквално во најголемиот дел од второто полувреме се играше гол за гол.
Во првото полувреме Вардар водеше со 3-4, но потоа следуваше одлична серија на Мотор кој поведе со 8-4, а во неколку наврати имаше и три гола предност. На полувремето украинскиот тим водеше со два гола разлика, 18-16.
Тимур Дибиров и Данаис Криштопанс беа лидери на листата стрелци, руското крило постигна 10 гола, а Криштопанс средбата ја заврши со седум погодоци од девет обиди.
Со три победи, Вардар е лидер на табелата во групата Б, пред Кил кој има еден пораз. во следното коло, европскиот првак се соочува со токму со Кил кој ќе гостува во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА