Може ли Германија до скалпот на европскиот шампион?

Четвртфиналната програма на Евробаскет 2017 стартува со пресметката меѓу Германија и бранителот на трофејот Шпанија, меч што ќе стартува во 17.45 часот. Германците остварија одличен успех со победата над Франција и обезбедија место во Топ 8, но свесни се дека денешниот дуел со Шпанците ќе биде далеку поголем предизвик.

Горд сум на мојата екипа, веруваа во себе, играа добра одбрана и ја заслужија победата над Франција. Сега пред нас е најсилниот можен противник, но едно е сигурно – нема да се предадеме. Ќе излеземе на терен, ќе играме со најсилен интензитет и ќе се обидеме да стигнеме до полуфиналето“ – изјави селекторот Крис Флеминг.

Шпанија игра извонредна одбрана, па досега единствено Хрватска постигна над 64 поени против „црвената фурија“. Дефанзивата беше на ниво и во осминафиналето против Турција во кое противникот стигна само до 56 поени.

Ова ќе биде дуел на двете најдобри дефанзивни селекции. Очекувам повторно да бидеме на посакуваното ниво во одбрана, но во нападот да бидеме уште подобри од претходно“ – истакна кормиларот Серхио Скариоло.

Овие две селекции последен пат се сретнаа на Евробаскет 2015, кога Шпанците по голема борба славеа со минимални 77-76.

Се вчитува...