Може ли Јапонија да „исчисти“ уште еден фаворит? Бразил не би требало да има проблеми

Репрезентацијата на Јапонија, која беше прогласена за „убиец на фаворити“ со оглед дека заврши пред гигантите Шпанија и Германија во групната фаза, денеска игра против Хрватска, во обидот да дојде до 1/4 финале на Мундијалот во Катар. За овој дуел можеби најмногу вина има кај Шпанците, кои губеа од Јапонија, а потоа како да не сакаа да дадат гол, па да се најдат тие на мегдан со Хрватите, па „фуријата“ си го „одбра“ Мароко, лансирајќи ги Јапонците на дуел со „коцкастите“ кои беа сребрени на последниот Мундијал во Русија.

Може ли Јапонија да „исчисти“ уште еден фаворит и да се пласира меѓу најдобрите осум селекции во Катар? Со оглед на она што се случуваше на Мундијалот, и тоа како може, особено ако се има во предвид дека Јапонците се брзи, лесно доаѓаат до противничкиот гол, додека Хрватска ги покажа своите проблеми против Белгија, но среќата и промашувањата на Лукаку им овозможија да дојдат до 1/8 финале. Кај Јапонија едно е сигурно – трибините и соблекувалната после натпреварот ќе бидат чисти, но дали и нивниот пат кон 1/4 финале, тоа ќе го покажат фудбалерите

„Она што е сигурно ќе бидеме конкурентни. Се подготвувавме на сите варијанти, па дури и 120 минути битка. Не сакавме да бидеме дефанзивни против Шпанија или Германија, тоа не беше нашата намера, не ни е ниту против Хрватска. Играчите се мирни и концентрирани. Очекувам тежок меч, но очекувам играчите да покажат квалитет затоа што одлично тренираат“, рече селекторот на Јапонија, Хаџиме Моријасу.

„Ние сме најмала земја од сите учесници во 1/8 финалето по популација. Нашиот приоритет е да одиме во следната фаза. Мислам дека Хрватска има одлична поддршка. Ние сме четири милиони Хрвати и она што го направивме во минатите години беше чудо“, рече Далиќ.

Еден од фаворитите на овој Мундијал селекцијата на Бразил игра против Јужна Кореја. Ако успее да победи, после во 1/4 финалето ќе игра со подобриот од Јапонија – Хрватска, што значи дека избрниците на Тите може да се каже дека имаат „отворен пат“ кон 1/2 финалето. Може ли Јужна Кореја да направи нова сензација после победата над Португалија? Тешко веројатно, но дека чуда се случуваат, покажа и ова Светско првенство.

Победата на Бразил не беше доведена во прашање, па новинарите повеќе ги интересираше дали ќе игра Нејмар на денешниот дуел.

„Да, ќе биде во комбинација. Тренираше добро, и сметаме на него“, рече Тите.

Се вчитува...