Може ли МЗТ да ја расипе шампионската забава на Работнички?

Работнички има предност од 2-0 и можност уште вечерва (20 часот) да го прекине постот од девет години без шампионси трофеј, доколку избраниците на Марин Докузовски успеат трет пат по ред да го совладаат големиот ривал МЗТ Скопје. Првите две средби минаа во максимално израмнета игра, Работнички сепак успеа да стигне до победи, но јасно е дека МЗТ Скопје е можеби единствениот тим во Македонија сезонава што поседува квалитет не само да им парира на „црвено-белите“, туку и да ги победи во „Градски парк“.

„Знаеме дека ништо не е готово, тоа е првото нешто што им го реков на кошаркарите по победата во Аеродром. Мораме да останеме со лани глави бидејќи имаме незгоден ривал кој е подготвен да го казни секое наше опуштање“ – изјави Марин Докузовски во пресрет на денешниот дуел.

На спротивната страна, Ѓорѓи Кочов ќе има тешка задача да го крене својот тим по несреќниот пораз во самиот финиш, кога најпрвин МЗТ ја загуби топката во својот последен напад при водство од еден поен, за потоа Работнички да направи пресврт по еден дискутабилен фаул на Синовец над Гинјард.

„Едно е сигурно, нема да се предадеме. Ќе играме за да победиме бидејќи знаеме дека можеме да го сториме тоа. Дали ќе биде доволно, ќе видиме на крајот“ – порача Кочов.

Се вчитува...