Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва (20 часот) му гостуваат на тимот на Мега Бемакс, во очајнички обид да си ги зголемат шансите за бегство од дното на табелата во АБА-лигата. Македонскиот првак моментно се наоѓа на последното место со три победи и 14 порази на своето салдо, а на претпоследната позиција е токму Мега со скор 5-12. На пет кола до крајот јасно е дека овој дуел е „сламка на спасот“ за „металците“, да си ги задржат шансите во битката за опстанок.
Проблем повеќе за тренерот Лукајиќ е што Марко Симоновски повторно се наоѓа на листата на повредени играчи, а стратегот на МЗТ Скопје веќе извесно време не може да смета ниту на Дарко Соколов.
„Играме против силен тим, кој е многу поквалитетен од тоа што покажува пласманот на табелата. И понатаму имаме проблеми со повредени кошаркари, нешто на што веќе навикнавме. За нас најважно е да одиграме според зацртаните принципи и да покажеме дека влегуваме во ритамот кој го посакуваме. Агресивноста во одбраната ќе ни биде неопходна, особено поради начинот на кој игра Мега Бемакс. На нас е да дадеме сѐод себе и ќе пробаме да покажеме квалитет со кој ќе може да му парираме на одличниот домаќин“ – истакна Лукајиќ во пресрет на овој дуел.
Во првиот дуел сезонава меѓу овие два тима Мега бемакс како гостин триумфираше во Скопје со 76-92.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА