Блокотехна повторно испишува успешни страници во спортот во Гевгелија, изборувајќи се за трофеј во БИБЛ, финале во Купот на Македонија и во полуфиналето од плејофот од домашниот шампионат. Слично како и минатото лето, повторно актуелни се шпекулациите за фузија на двата клуба од Гевгелија, Блокотехна и Кожув, за создавање на еден силен колектив кој би се натпреварувал и во АБА2 лигата.
„Како компанија „НОЕЛ“ ја помагаме кошарката во нашиот град цели 20 години и горди сме на тој момент, како дел од општествената одговорност што ја чувствуваме. Со задоволство сме помагатели на бројни проекти, а во последните години и сопственици на приказната наречена КК Блокотехна, која донесе бројни моменти на радост на нашите сограѓани сезонава. Искрено се радуваме што и други компании почнаа посериозно да вложуваат во спортот и што станаа дел од помагателите на КК Кожув, кој исто така е сериозен клуб благодарение на новата локална власт, која покажува поголем слух за спортот отколку претходната“ – истакнуваат од КК Блокотехна.
Од раководството на Блокотехна се подготвени за разговор на оваа тема, но порачуваат дека се можни и други сценарија.
„Постои одредено мислење дека градот е мал за да има два клубови со сериозни амбиции во првата лига и ние сме подготвени да седнеме и да разговараме за некаков вид на соработка. Доколку заедничките констатации се дека до тоа може да дојде, тогаш нема причина тоа и да не го направиме. Но, во секој случај се можни и други сценарија. Една работа би требало да биде јасна, дека компанијата НОЕЛ ќе продолжи со помагањето на случувањата во градот Гевгелија. Сепак, најдобро ќе биде да се пронајде заеднички јазик и решение од кое сите ќе бидат задоволни“ – порачуваат за крај челниците на КК Блокотехна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА