Можна ли е прва радост против подмладената Италија?

Македонската кошаркарска репрезентација денеска од 15 часот ја започнува „мисијата Талин“, во обид да го поправи учинокот од првиот квалификациски прозорец и со два триумфа да остане во игра за престојното Европско првенство. Во нашиот табор владее оптимизам и добро расположение, подготвени за вистинско натпреварување, без оглед на проблемите и бројните откажувања во пресрет на овој репрезентативен собир.

Македонија ниту во овој „балон“ во Талин нема да биде комплетна. Во однос на составот од претходниот прозорец, од тимот отсуствуваат Крстевски, Маслинко, Димитријевиќ, Јакимовски и Ѓуроски, а деби во „црвено-жолтиот“ дрес ќе има Американецот Џејкоб Вајли.

Првиот противник е Италија, селекцијата која веќе има обезбедено настап на првенството со оглед на тоа што е земја домаќин, меѓутоа Италијанците го воигруваат својот млад состав и се тежок противник. За тоа говори и фактот дека во првите два натпревара запишаа и две победи, прегазувајќи ја Русија на домашен терен (83-64), како и победа над Естонија во гости (81-87).

„Кај нас нема место за калкулации, ниту имало, ниту пак ќе има. Играме во дресот со националниот грб. Тоа е обврска за сите нас да го дадеме својот максимум. Тоа нема да биде исклучок и овде во Талин. Без оглед на тоа дали играме со Италија или пак со Естонија. Не треба да се залажуваме дека Италија е слаба затоа што има некои нови играчи. Напротив, стартуваме како да играме против нивниот најсилен состав. Што ќе донесат тие 40 минути, ќе видиме“ – истакнува Марко Симоновски во пресрет на денешниот меч.

Во досегашни натпревари против „азурите“, нашата репрезентација има два пораза во исто толку натпревари, па од „трета среќа“ желбата е дека денеска ќе се дојде до посакуваниот триумф.

Се вчитува...