Муамед Сејдини на Собранието на ФФМ: „Не се живее од стара слава, продолжуваме цврсто кон сите нови предизвици за уште подобар фудбал!“

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини во својот говор на Редовоното годишно собрание на ФФМ истакна дека како раководен орган во македонскиот фудбал сите заедно во иднина силно ќе се стремат за продолжување на успешното претставување на фудбалската игра во меѓународни рамки.

На Собранието на ФФМ на кое се присутни 60 од 62 делегати во хотелот „Хилтон“ во Скопје, потенцирана е желбата на секој поединец кој е вклучен во фудбалот за континуитет на сите успешни проекти кои се почнати од Фудбалската федерација.

„Во било која работа, па и во фудбалот…, највредно е времето. Дали ќе го искористиме на вистински начин и дали ќе работиме напорно или едноставно ќе го подариме. Од моето искуство со вас, убеден сум дека ќа работиме напорно за Фудбалската федерација на Македонија и за промоција на нашиот фудбал и фудбалери. И навистина ми е мило кога на Конгрес на УЕФА или ФИФА ќе видиме огромна почит кон нашата федерација. Тоа е она што ги полни батериите и ни дава енергија за она што го правиме“ – рече Сејдини и дополни:

„Зад нас е успешна година за што упатувам благодарност до Управниот одбор и администрацијата. Помогнавме и финансиски и логистички на секој од 26-те Општински фудбалски Сојузи, а тоа покажува колку за нашата федерација е битен тој сегмент. Во годишниот извештај може да се видат колку проекти и активности реализиравме со кои сите можеме да се гордееме. Од тој правец сигурно нема да отстапиме во следниот период. На стара слава не се живее, имаме план и програма и одиме чекор по чекор. Нашата програма за работа е квалитетно осмислена и ја следи федерацијата во однос на целите и тоа што треба и што може да се направи. Во однос на тоа имаме голема поддршка и помош од УЕФА и ФИФА за што сме бескрајно благодарни. Не бегаме од предизвиците кои се пред нас, напротив, подготвени сме и се радуваме на новите искушенија. Се во насока да бидеме горди на репрезентацијата, горди на младите селекции, горди на нашите клубови“.

На почетокот од Собранието беа верифицирани и мандатите на новите делегати кои доаѓаат од ОФС Тетово, Јовица Илиевски, Мухадин Исмаили и Дритон Муслиу а претставниците на ФИФА и УЕФА ја потенцираа поддршката која ФФМ ја има од светските фудбалски институции за продолжување на активностите почнати изминативе години.

Се вчитува...