МУНДИЈАЛСКО ОДБРОЈУВАЊЕ: Кој ќе биде следниот пенал-лузер?

Роберто Баџо притрчува кон топката… Шут! Бразил е светски првак!

Нереализираниот пенал на харизматичниот напаѓач на „аѕурите“, Роберто Баџо, во финалето на Светското првенство во САД во 1994 година сигурно е една од највпечатливите случки во историјата на мундијалите. Неговиот шут кон небото, високо, високо, над гредата од голот на Бразил, на „кариоките“ им ја донесе титулата на која до тој момент чекаа цели 24 години, а тоа финале беше првото во кое светскиот шампион е одлучен по серија пенали.

„Целиот живот ќе ме прогонува тој пенал. Сакав да шутирам под гредата. Имав неверојатна самодоверба, а кога го упатив ударот топката отиде високо над голот. Одеднаш ми се стемни. Нешто ме пресече, бев како во бунило, а кога ги отворив очите, Бразилците се радуваа на теренот. Моите соиграчи паднаа како покосени. На ниту еден играч не би му посакал нешто такво“, се сеќава Роберто Баџо.

Сè почна на мундијалот во Шпанија во 1982 година. Тогаш беше воведено правилото пеналите да одлучуваат за победникот во случај на нерешен резултат по 120 минути игра, па полуфиналната средба меѓу Франција и Германија заврши со пенал-рулет. Дефанзивецот на „галските петли“, Максим Боси, ја зави нацијата во црно, а на „панцирите“ им донесе пласман во финалето на СП.

На следниот турнир што се одржа во Мексико во 1986 година, Французите повторно учествуваа во драматична завршница со изведување пенали. За разлика од пред четири години во Шпанија, „триколорите“ овој пат поминаа во полуфиналето, благодарејќи на утнувањето на Бразилецот Жулио Цезар.

На ред дојде и мундијалот во Италија во 1990 година. Тоа беше единствениот пенал-рулет во историјата на поранешна СФР Југославија. На мечот со Аргентина, пеналите одлучуваа кој ќе се пласира во полуфиналето. „Гаучосите“ дојдоа во водство со 2-0, откако Драган Стојковиќ-Пикси не реализира пенал, но Марадона и Тролјо ги вратија „сините“ во живот. Меѓутоа, Брновиќ и Хаџибегиќ ги урнаа сништата за полуфинале, а Аргентина и до финалето стигна по подобро изведување пенали во дуелот со Италија.

Подоцна, Романците го „колнеа“ Белодедиќ, Холанѓаните никогаш нема да го заборават очајниот шут на Роналд де Бур, Ирците нема да му простат на Килбејн, а Шпанците на Хоакин. Англичаните ја бараа „главата“ на Бати и на Карагер, а Камбијасо своевремено беше „персона нон грата“ во Аргентина. Секако, и Трезеге не беше омилен во својата Франција…

На Мундијалот во Јужна Африка 2010, пенал-рулетот реши два натпревари, Парагвај по подобро изведување на пеналите славеше во осминафиналето против Јапонија, додека Уругвај во драматичен меч ја елиминираше Гана. Тогаш Асамоа Гијан беше трагичар на четвртфиналето со промашениот пенал во 120. минута. Овој фудбалер подоцна се извади со реализација во пенал-рулетот, но неговата селекција загуби, а Гијан со солзи во очите го напушти теренот.

Пеналите се возбудливи за гледачите, но не и за оние што ги изведуваат. Кој ќе биде следниот „лузер“?

Се вчитува...