Мундо Депортиво: Столе Димитриевски е најдобра опција за Барселона!

Каталонскиот спортски весник Мундо Депортиво во својот најнов број наведува дека македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски е и тоа како одлична опција за Барселона.

Како што пишува „Мундо Депортово“, сегашниот втор голман Ињаки Пења има договор до 30. јуни. Барселона не сака да му го продолжи договорот, па затоа е во потрага по втор голман за што како прва опција е македонскиот репрезентативец кој би можел без отштета да се пресели во Каталонија.

Добро е познато дека Димитриевски беше во конкуренција за трансфер во Барселона и во 2022 година кога беше неизвесна ситуацијата со Нето, но Бразилецот тогаш одлучи да остане во клубот, и пропадна речиси договорениот трансфер на македонскиот голман во еден од најдобрите европски клубови.

Пред само неколку денови, пак, Димитриевски изјави дека нема понуди од други клубови и дека со 90% сигурност ќе потпише нов договор со Рајо Ваљекано каде брани од 2018 година.

„Мојата идеја е да ја продолжам кариерата во Рајо и тука да ја завршам затоа што сум навистина среќен, но во оваа професија не се прашувате секогаш само вие“ – истакна неодамна Димитриевски.

Столе Димитриевски е убедливо еден од најдобрите голмани во шпанската Ла Лига, не само според статистичките показатели кои секогаш биле на негова страна, туку и според индивидуалните впечатоци на голем број фудбалски аналитичари. Димитриевски во моментов е на третото место во шпанското првенство по број на натпревари без примен гол, со девет, зад Унаи Симон од Атлетик Билбао кој има 12 и Алекс Ремиро од Сосиедад со 11 натпревари.

Се вчитува...