Муричи оздравел од Covid-19, ќе може да игра против Македонија?!

Најдобриот косовски фудбалер Ведат Муричи би можел да настапи на претстојниот бараж од Лигата на Нации против Македонија, откако успеал да го победи коронавирусот. Одличниот голгетер неодамна потпиша договор со Лацио, но откако замина за Истанбул за да ги заврши административните детали околу работната дозвола беше обелоденето дека Муричи е позитивен на Covid-19.

Поради тоа голгетерот остана во Турција во изминатите денови, за денеска да го добие и првиот негативен тест. Согласно протоколите, тој ќе мора да добие и втор негативен тест за да добие зелено светло да замине за Италија и да се приклучи на новите соиграчи.

Сепак, од Косовската Фудбалска Федерација со огромна радост ја објавија информацијата за првиот тест на својот ас, со надеж дека тој ќе може да настапи против Македонија.

„Ведат Муричи беше негативен при последното тесстирање на Covid-19. Ќе почека за уште еден тест и доколку повторно е негативен, утре веднаш ќе замине за Рим за да му се приклучи на Лацио. Тоа значи дека ќе може да игра против Македонија“, објави Косовската Фудбалска Федерација.

Муричи во изминатиот месец се мачеше со незгодна повреда на мускулот, но се чини дека и таа во меѓувреме е санирана, па тој наскоро би можел да се врати на терените.

Се вчитува...