Мурињо: Ако не го подобриме тимот ќе имаме тешка сезона

Поразот од Баерн Минхен во последниот натпревар од претсезонската турнеја само уште еднаш ги потврди ставовите на менаџерот на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо, за перспективите на неговиот клуб во претстојната сезона. Тимот од „Олд Трафорд“ в петок против Лестер ја почнува премиерлигашката кампања. На Мурињо му е и повеќе од јасно дека нема доволно конкурентен тим за битка со ривалите.

„Претседателот знае што сакам и има уште неколку дена да видиме што ќе се случи. Клубовите кои ќе се натпреваруваат против нас имаат фантастични тимови или пак силно инвестираат како Ливерпул, купуваат се и секого. Ако не го подобриме тимот, ова ќе биде тешка сезона за нас“ – вели Мурињо на клупската телевизија.

Манчестер јунајтед летово потпиша само три засилувања, Бразилецот Фред, Португалецот Дало и голманот Грант. На тимот вчера се приклучија Погба, Лукаку и Лингард кои беа на одмор по настапот на Светското првнество. Претходно, неколку дена порано се вратија Рашфорд и Џонс.

 

 

Се вчитува...