Мурињо бесен на Тејлор: Судијата како да беше Шпанец

Жозе Мурињо го загуби своето прво европско финале откако со Рома не успеа да стигне до пехарот во Лигата на Еврпоа, меч на кој „волчицатља“ во пенал-рулет загуби од Севилја.

Според португалскиот стратег, главен виновник за ваквиот исход е судијата Ентони Тејлор и неговиот чуден критериум со кој англискиот арбитар покажа 14 жолти картони, но немаше храброст да го исклучи Ерик Ламела.

„Ова беше вистинско финале, интензивен меч со судија што делуваше како да беше Шпанец. Цело време гледавме жолт, жолт, жолт… и потоа Ламела имаше старт што дефинитивно беше старт за втор жолт и црвен картон, но тој немаше храброст да го исклучи. За трагедијата да биде целосна, Ламела остана на теренот до крајот и ни даде гол во пенал-рулетот“, изјави Мурињо, кој и во тунелот под стадионот го навредуваше Тејлор.

Ова беше прво загубено финале на „специјалниот“ во европските купови, но Португалецот ја потенцираше гордоста на својот тим.

„Реков дека или ќе си заминеме одовде со трофејот или ќе си одиме дома мртви. И навистина сме мртви, целосно истрошени и физички и ментално бидејќи ова е пораз од безброј околности и инциденти за кои може да се дебатира до утре. Можам да кажам дека никогаш не сум бил погорд на моја екипа по едно финале, им го кажав тоа и на момците во соблекувалната. Дадоа буквално се од себе на теренот и не можам ама баш за ништо да им замерам“, истакна Жозе Мурињо.

Се вчитува...