Мурињо доби поддршка од бордот на Манчестер јунајтед

Менаџерот на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо, доби поддршка од бордот на директорите на клубот и засега нема опасност дека ќе биде сменет од клупата, тврди Би-би-си.

Лошиот старт на „црвените ѓаволи“ и поразот со 2-3 од Брајтон одново ја отворија темата за иднината на Мурињо во Манчестер јунајтед. Португалецот од претхoдно е во затегнати односи со дел од раководството на клубот, но и со дел од играчите.

Букмејкерите на Островот одново го ставија името на Мурињо на првото место меѓу фаворитите за смена, а во последните неколку седмици во англиските и во шпанските медиуми се појавија шпекулации дека Зинедин Зидан најверојатно ќе го наследи Мурињо на клупата на Манчестер јунајтед.

Но, по состанокот на директорите од бордот, извор од „Олд Трафорд“ за Би-би-си негираше дека се расправало за евентуална тренерска смена.

Мурињо пак, не го криеше разочарувањето откако бордот не го поддржа неговиот предлог да биде ангажиран нов централен дефанзивец. Единствени нови засилувања во тимот на Манчестер јунајтед летово се Фред и Диого Далот кој се уште е повреден.

Се вчитува...