Мурињо го најде лекот за Ватфорд

Ватфорд почна сензационално сезонава, бележејќи четири победи во првите четири кола, но оваа серија на лондонскиот клуб беше прекината со денешниот дуел против Манчестер јунајтед, на кој „црвените ѓаволи“ на гостински терен славеа со 1-2.

Избраниците на Жозе Мурињо беа подобри во првото полувреме, најпрвин беше поништен погодок на Алексис Санчез поради офсајд, но потоа меѓу стрелците се запишаа Лукаку и Смолинг.

Ватфорд ја намали негативата преку Греј, но и покрај обидите домашниот тим не успеа да стигне до израмнување. Во 93. минута црвен картон доби Матиќ, по што Де Хеа беше спасител на „ѓаволите“, бранејќи одличен удар со глава на Кабаселе.

По поразот на Ватфорд, сега Челси и Ливерпул остануваат двата единствени клубови со максимални 15 бода по првите пет кола од Премиер-лигата.

 

Се вчитува...