Мурињо го одбра Алдерверелд за засилување во одбраната

Трансферниот период во Премиер – лигата влегува во финишот, остануваат уште четири дена за ангажман на нови фудбалери, а Жозе Мурињо конечно го одбра дефанзивецот што сака да пристигне на „Олд Трафорд“. Покрај Хари Мегвајер од Лестер и Јери Мина од Барселона, тој сепак се одлучи да тргне со сите сили по Белгиецот Тоби Алдерверелд од Тотенхем. За него е подготвен да плати 60 милиони фунти.

Турбулентно е во Манчестер јунајтед и поради состојбата на Пол Погба. Неговиот агент отпатува на Островот за да ја разгледа можноста за заминување на францускиот интернационалец, кој одби да го прекине побрзо одморот на барање на Мурињо, за да се приклучи на подготовките пред стартот на сезоната во Премиер – лигата. Погба ја освои светската титула со Франција, настапуваше до крајот на Мундијал и доби тринеделен одмор.

Во последните четири дена од летниот преоден рок во Англија, „црвените ѓаволи“ ќе се обидат уште еднаш да го убедат Челси да го продаде Вилијан. Досега тимот од „Стемфорд бриџ“ одолеа на многу понуди за Бразилецот.

Се вчитува...