Мурињо го загуби трпението со Смолинг, ќе купува нов дефанзивец од Премиер-лигата

Жозе Мурињо е решен да доведе нов дефанзивец во јануарскиот преоден рок по серијата проблеми со повреди што ги има Крис Смолинг. Англискиот ветеран требаше да се врати на терените по репрезентативната пауза, но се пожали на болка во мускулот пред мечот со Монца, па се уште не е во натпреварувачки ритам.

Тој нема да може да настапи за Рома ниту викендов, а Мурињо дефинитивно го загуби трпението со 33-годишниот ветеран и побара од клубот да се активира на пазарот. Ставот на Португалецот е јасен – мора да биде донесен нов играч за да бидат остварени зацртаните цели, а на врвот на неговата листа со желби се наоѓа Ерик Дајер. Поранешниот англиски репрезентативец беше стандарден првотимец во Тотенхем додека Мурињо го водеше англискиот клуб, па „специјалниот“ сака да го доведе како играч што не би требало да има никакви проблеми да се вклопи во неговите тактички замисли.

Дајер во јануари ќе влезе во последните шест месеци од договорот со „спарси“, Постекоглу воопшто не смета на него во Тотенхем, па се очекува тоа да се одрази и врз цената на трансферот, која нема да надмине 10 милиони евра.

Проблем за Мурињо е што за истиот фудбалер се интересира и Томас Тухел во Баерн Минхен, па останува да се види кој од овие двајца тренери ќе излезе како победник од трката по Дајер.

Се вчитува...