Жозе Мурињо е подготвен за водење на нов супер-тим со кој ќе го нападне трофејот во Лигата на Шампионите. ПСЖ е клубот што ќе биде воден од „специјалниот“ од наредната сезона, а заедно со португалскиот стратег на „Паркот на принцовите“ ќе пристигне и англискиот репрезентативец Хари Кејн.
Информацијата прв ја објави мадридскиот весник „Ас“, а потоа ја пренесоа бројни медиуми ширум Европа, според кои веќе е постигнат начелен договор меѓу Мурињо и „светците“. Португалецот ќе ја доврши сезонава со Рома, а потоа италијанскиот клуб ќе добие соодветна отштета за да даде зелено светло за негово заминување во Париз. Францускиот првак го очекува сериозен ремонт, а шеиците на крајот решиле да не експериментираат со тренери, туку да донесат еден што знае како се освојува трофејот во Лигата на Шампионите.
Мурињо е подготвен за нов предизвик и атак на највисок пласман, а заедно со него се очекува да го донесе и Хари Кејн, со кого имаше беспрекорна соработка во Тотенхем. Англичанецот влегува во последната година од договорот со „спарси“, нема намера да потпише нов, па лондонскиот клуб ќе мора да го продаде за наредното лето (2024) да не го загуби без никаква отштета. Тотенхем не сака да го продаде на директен ривал од Премиер-лигата, поради што ПСЖ е во пол-позиција во оваа трка.
„Амин“ за ова бил побаран и од најголемата ѕвезда Килијан Мбапе, кој се согласил дека со Мурињо и Кејн тимот повторно ќе има сериозно зголемени шанси да го нападне трофејот во Лигата на Шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА