Мурињо: И во Јунајтед да го имам ‘мундијалскиот’ Погба

Менаџерот на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо, смета дека Светското првенство било „перфектна средина“ за Пол Погба по тешката сезона во Манчестер јунајтед. Погба беше еден од клучните играчи во триумфот на Франција на Мундијалот во Русија. Тој беше стрелец на еден од головите во финалната пресметка со Хрватска. Она што го прикажа Погба во Русија беше во комплетна спротивност од изданијата што ги гледаме од него во дресот на Манчестер јунајтед кој за него плати рекордни 100 милиони евра во 2016 година.

„Не се работи за тоа дали ние можеме да го извлечеме најдоброто од него. Се работи за тоа дали тој го дава најдоброто од себе“ – вели Мурињо.

Португалскиот стратег смета дека светските првенства се идеални за играчи како Погба.

„Светските првенства се во еден месец. Во тој период тој мисли само на фудбал. Со екипата е, во тренинг камп, комплетно изолиран од надворешниот свет и е фокусиран само на фудбалот. Во текот на сезоната, имате еден голем, па еден помал меч, потоа некој уште помал, затоа  може да се загуби фокусот, да се загуби концентрацијата кога повторно има важен меч. На светските првенства емоциите и одговорноста постојано растат. Затоа сметам дека е тоа перфектна средина за него“ – објаснува Мурињо.

Пол Погба по одморот во Лос Анџелес ќе му се приклучи на Манчестер јунајтед кој сезоната во Премиер-лигата ја отвора против Лестер на 10 август.

 

 

 

 

 

Се вчитува...