Жозе Мурињо е свесен дека Рома се наоѓа во резултатска криза, но „специјалниот“ не гледа на себе како на проблем на римскиот клуб кој е главна причина за кризата.
Португалецот беше критикуван за слабата сезона која кулминираше со убедливиот пораз на гостувањето против Џенова, но трофејниот стручњак верува дека ќе успее да го најде излезот од оваа непријатна ситуација.
„Секој минува низ вакви моменти, кога работите не одат како што треба секој човек настојува да се изолира, добро да размисли и да го најде решението за проблемот. А да биде јасно, јас не сум проблемот на Рома. Јас сум тренерот кој ги одведе до европско финале минатата година, летово има понуди, но дадов збор на управата и на навивачите дека ќе останам. Сега, по само два три послаби натпревари јас станувам проблем, тоа не може да е точно“, изјави Мурињо.
Тој откри и детали од последниот состанок што го имал со фудбалерите по поразот од Џенова.
„Се сретнавме со фудбалерите, им кажав дека ќе поставувам прашања и ќе одговорам на истите, како да сум играч. Им ставив до знаење дека ако згрешам или имам погрешен став за ситуацијата, веднаш да ме прекинат. Прашав десет прашања, ги одговорив и никој не ми кажа дека грешам. Јас ги знам своите играчи, знам како размислуваат и затоа верувам дека сите заедно ќе најдеме начин да излеземе од оваа непријатна ситуација“, оптимист е Жозе Мурињо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА