Манчестер јунајтед има перфектен старт на новата сезона во Премиер – лигата, но менаџерот Жозе Мурињо сепак би сакал да доведе уште едно засилување во последните мигови од летниот преоден рок. Португалскиот стратег би сакал да го види Ријад Марез на „Олд трафорд“, како засилување во навалната линија на „црвените ѓаволи“. Иако има неколку опции на крилните позиции, Мурињо не успеа да го доведе Иван Перишиќ од Интер, а смета дека Марез исто така би бил одлично засилување за неговиот тим.
Алжирецот одигра квалитетно на „Олд трафорд“ изминатиов викенд и остави одличен впечаток, иако Лестер загуби со 2-0, а тоа само дополнително го мотивираше Мурињо да побара од раководството на Манчестер јунајтед да направи уште еден последен напор за негов ангажман. Јунајтед би платил 40 милиони фунти, колку што Лестер го процени својот фудбалер, но прашање е дали „лисиците“ ќе се сложат да го продадат пред самиот истек на летниот преоден рок.
Но, во трката е и шампионот Челси, посебно откако Окслејд – Чембрлен го одбра Ливерпул. Антонио Конте исто така посакува да ги засили крилните позиции, а сумата исто така не е проблем ниту за „сините“ од Лондон.
Лестер претходно ги одби понудите на Рома и на Интер за Ријад Марез, а за алжирскиот интернационалец постои интерес и од Барселона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА