Жозе Мурињо со својата Рома утре гостува во Милано на својот поранешен клуб Интер, но Португалецот поради суспензија нема да може да седи на клупата на „волчицата“ на „Џузепе Меаца“. Тој доби црвен картон во самиот финиш од последниот меч со Монца, поради што му беше изречена суспензија од еден натпревар, која ќе се однесува токму на големото дерби во Милано.
Иако согласно пропозициите за суспендираниот тренер ќе има место во ложата на стадионот, Мурињо не планира да ја искористи оваа опција. Според информациите од Италија, трофејниот стручњак е решен да не влегува воопшто на стадионот, туку мечот да го гледа на ТВ, од клупскиот автобус во подтрибинскиот простор.
Весникот „Газета дело спорт“ потсетува дека Мурињо беше суспендиран и за ланското гостување против Интер. Тогаш тој мечот го следеше од автобусот, Рома победи, па Португалецот не сака да ја менува традицијата што ланската сезона му донесе резултат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА